Услови и правила


ОПШТИ УСЛОВИ ЗА ПАТУВАЊЕ ЗА АГЕНЦИИ ЧЛЕНКИ НА СКТМ

1. СОДРЖИНА НА АРАНЖМАНОТ
Организаторот на патувањето гарантира реализација на аранжманот според описот во програмата. Содржината на аранжманот ќе се оствари во потполност и на опишаниот начин, освен во случај на влијание на “виша сила”, која не можела да се предвиди (војна, терористички акции, штрајк, елементарни непогоди, сообраќајни и технички проблеми во превозот, или слично).

2. ПРИЈАВА-ДОГОВОР И УПЛАТА
Пријава-договор за патување се прави до пополнување на местата, со уплата на аконтација на цената назначена на секоја поединечна програма. Пријави можат да се извршат во агенциите на ____________ и во сите други агенции овластени за продажба на нејзините програми. При пријавувањето купувачот плаќа аванс од 30% од вредноста на аранжманот, а остатокот по потврдувањето на резервацијата од службата за резервации, и тоа најдоцна до 15 дена пред реализацијата на аранжманот. Доколку патникот до тој рок не изврши доплата на аранжманот, организаторот ќе смета дека патникот се откажува од аранжманот и ќе ги наплати трошоците за отказ на аранжманот согласно условите од член 6 “Откажување од патувањето” од страна на патникот. При пријавувањето, патникот потпишува пријава-договор со изјава – Изјавувам дека сум запознат со програмата и со Општите услови на патување, и дека во целост ги прифаќам! со што Општите услови на патување, стануваат правна обврска за организаторот и за патникот.

3. ЦЕНА НА АРАНЖМАНОТ
Цените за сите патувања се објавени во Денари или во Евра со обврска за плаќање во денарска противвредност според пазарниот курс – објавен од страна на организаторот. Секое барање за дополнителни услуги подразбира додатни плаќања. Организаторот го задржува правото на промена на цената на аранжманот во случај на промена на цените на хотелските, превозните и други услуги, како и во случај на промена на девизните курсеви на пазарот. За зголемување на цената до 10% не е потребна согласност на купувачот (се пресметува на остатокот од уплатата). При зголемување поголемо од 10%, купувачот има право да го раскине договорот без обврска да ја надомести штетата произлезена од отказот.

4. КАТЕГОРИЗАЦИЈА И ОПИС НА УСЛУГИТЕ
Понудените хотели и апартмани се опишани според официјалната категоризација во време на издавањето на каталогот. Квалитетот на услугите го стандардизираат локалните туристички власти. Стандардите на сместување и услуги се различни по дестинации и не се споредуваат. Организаторот не превзема одговорност за било каква друга усмена или писмена информација, која не е во согласност со описот на услугите во понудената програма.

5. ПРАВО НА ОРГАНИЗАТОРОТ ЗА ИЗМЕНИ ВО ПРОГРАМАТА И ОТКАЗ НА АРАНЖМАНОТ
Организаторот има право да ја измени програмата (во времетраењето или содржината) во случај на виша сила или вонредни околности кои не можел да ги предвиди, избегне или отстрани. Учесникот на патувањето има право на рефундација на износот за нереализираните услуги. Во ретки случаи кога нема можност за сместување во резервираниот објект, поради технички причини или “овер боокинг” од страна на хотелиерот, организаторот ќе го смести патникот според можностите во дадениот момент, во објект од иста категорија или од повисока категорија, без надомест. Организаторот го задржува правото да го одложи или откаже аранжманот во случај на недоволен број на пријавени патници од предвидениот минимум за одреден аранжман. Организаторот е должен да ги извести сите купувачи за отказот најмалку 5 дена пред почетокот на реализацијата на аранжманот и да им ги врати во целост уплатените средства најдоцна во рок од 8 дена од денот на откажувањето.

6. ПРАВО НА ПАТНИКОТ ЗА ОТКАЖУВАЊЕ ОД ПАТУВАЊЕТО
Патникот може во секој момент да се откаже од патувањето и тоа треба да го направи во писмена форма. Датумот на писмениот отказ претставува основа за пресметка и наплата на отказните трошоци (во однос на основната цена на аранжманот), според следната скала:
– за отказ до 30 дена пред патувањето се наплатува 5%
– за отказ од 29 до 22 дена пред патувањето 10%
– за отказ од 21 до 15 дена пред патувањето 20%
– за отказ од 14 до 08 дена пред патувањето 50%
– за отказ од 07 до 01 дена пред патувањето 90%

7. ОБВРСКИ И ПРАВА НА ПАТНИКОТ
Патникот е обврзан да се грижи, да тој лично, неговите документи и предмети ги исполнуваат условите предвидени со граничните, царинските, здравствените и другите прописи на својата земја како и на земјата во која патува, да се придржува кон куќниот ред во угостителските и хотелските објекти, како и во превозните средства, и да соработува со претставникот/придружникот на организаторот и извршителите на услугите во добра намера. Во случај на непочитување на овие обврски, патникот одговара на организаторот за направената штета. Патниците кои го нарушуваат редот во објектите односно возилото можат да бидат отстранети од аранжманот. Патникот е должен да поседува важечки пасош и да се информира кај организаторот дали за земјата во која патува (или за земјите низ кои се патува во транзит) е потребна виза, за да таа навреме се обезбеди. Патникот е должен да се информира за девизните и царинските прописи во својата земја и земјите во кои патува. Патникот е должен да ги чува и лично да одговара, за сите свои документи, парични средства и личен багаж за сето време на патувањето.

8. ПРЕВОЗ
Патникот е обврзан да се прилагоди кон превозот и неговата организацијата, во согласност со пропишаните правила и прописи. При патување со авионски превоз, да ја провери својата резервација за лет – во агенцијата, најдоцна 72 часа пред полетување. Да се јави на аеродромот и местото за “чекинг” и предавање на багаж, во вообичаеното време – час и половина пред полетување. Да се информира за правилата за патување со авионски превоз (за истите може да се обрати во агенцијата). При патување со автобуски превоз, да поседува важечка резервација на седиште и да се пријави кај претставникот на агенцијата половина час пред поаѓање на автобусот. Да го почитува редот во возилото, во взаемен интерес со другите патници и персоналот, како и безбедноста во сообраќајот. Во случај на непридржување кон саатниците на поаѓање или на попатните застанувања и одмори, како и поради евентуално задржување на граничните премини поради неисправни патни документи или царински прекршок, возилото не е обврзано да го чека истиот патник повеќе од вообичаеното време.

9. БАГАЖ
Патникот има право на бесплатен превоз на багаж, до 15 кг на чартер летовите и 20 кг на редовните авионски линии. Кај автобускиот чартер превоз, дозволен е бесплатен багаж од една патна торба (до 20 кг) по патник. За секој килограм багаж односно патна торба преку дозволеното, се плаќа во зависност од дестинацијата на патување. Деца до 2 години на авионскиот превоз и деца кои не плаќаат билет во автобусот, право на бесплатен багаж имаат согласно меѓународните правила. Како багаж, не се дозволува внесување на трговска стока , храна, пијалоци, лекови, наркотици, хемиски и други запаливи средства, оружје, животни, растенија, амбалажи и слични предмети. При внесување и изнесување на багажот од возилото, патникот со лично присуство одговара за истиот. За време на реализација на аранжманот за багажот се грижи самиот патник. Поради тоа препорачуваме пред патувањето да се направи полиса за Патничко осигурување со осигурување на багаж, преку Осигурителна компанија, која може да се уплати во агенцијата. Организаторот не одговара за уништениот или изгубениот багаж, како и за изгубениот багаж или драгоцености за време на престојот во хотелот (Ви препорачуваме наем на сеф на хотелската рецепција).

10. ЗДРАВСТВЕНИ ПРОПИСИ И ЗАШТИТА
Патникот е должен да се информира кај надлежната здравствена институција и да ги почитува здравствените прописи за патување во одредена земја (потреба од вакцина или здравствен документ). Во случај на болест или незгода во текот на користењето на аранжманот, трошоците за лечење или евентуални лекарски интервенции ги плаќа патникот. Поради тоа препорачуваме, пред патувањето да се направи полиса за Патничко осигурување преку Осигурителна компанија, која може да се уплати во агенцијата.

11. СМЕСТУВАЊЕ ВО СОБИ И АПАРТМАНИ
Доколу патникот-закупувач не договорил соба/апартман со посебни карактеристики, ќе прифати било која официјално регистрирана соба/апартман за сместување во договорениот објект, опишана во каталогот и ценовникот. Доколку е можно, организаторот ќе се обиде да одговори на дополнителните барања на патникот (комфор, ориентација на собата, кат и слично) но, не може да гарантира исполнување на таквото барање. Вообичаеното сместување во собите е од 14:00 часот, а напуштањето на собите е до 10:00 часот (доколку во куќниот ред не е поинаку назначено).

12. РЕШАВАЊЕ НА ПРИГОВОРИ
Во случај на непотполно или неквалитетно извршување на услугите, патникот има право на соодветно обесштетување, исклучиво доколку приложи писмен приговор до организаторот. Секој патник – носител (потписник) на договорот има право на приговор врз основа на неизвршена договорена услуга. Организаторот нема да прима во процедура групни приговори кои ги поднесуваат повеќе носители на договори врз основа на еден приговор.

Постапка за поднесување приговор: 
– Веднаш на самото место патникот ја рекламира неадекватната услуга кај претставникот на организаторот, а доколку истиот го нема, кај извршителот на услугите. Патникот е должен да соработува со претставникот и со извршителот на услугите во добра намера за да се отстранат причините за приговорот. Доколку патникот на самото место не го прифати понуденото решение на рекламацијата кое одговара на уплатената услуга, организаторот нема да ја уважи дополнителната рекламација на патникот и нема да одговори на истата.
– Ако причината за рекламацијата не биде отстранета, патникот за тоа составува со претставникот писмена потврда (записник).

– Најдоцна 8 дена по завршувањето на аранжманот, патникот поднесува писмен приговор во продажното место каде што го уплатил аранжманот, и ја приложува писмената потврда (записникот) потпишана од претставникот како и евентуалните сметки за дополнителни трошоци. Организаторот ќе ги прими во процедура само потполно документираните приговори поднесени во наведениот рок од 8 дена.

– Организаторот е должен да донесе писмено решение во рок од 14 дена од приемот на приговорот во продажното место. Организаторот може да го одложи рокот на решението на приговорот заради комплетирање на информациите и проверка на наведените рекламации кај извршителот на услугите. Организаторот ќе ги решава само оние рекламации за кои во местото на одмор не можеле да бидат отстранети причините кои ги предизвикале.
– Додека организаторот не донесе решение по приговорот, патникот се откажува од посредување на било кое друго лице, судска постапка или давање информации во јавните медиуми. евентуалното непридржување на купувачот-патникот кон истата, или пак нарушување на отпочнатата постапка со било каква активност спомената или не, дава причина за неприфаќање на истите приговори, прекинување на отпочнатата постапка и воедно поднесување на тужба пред надлежните органи од страна на организаторот, за наплата на претрпената штета и нарушениот углед во јавноста.
– Највисокиот надомест по приговорот може да достигне сума до износот на рекламираниот дел од услугите, но таа не може да ги вклучува веќе искористените услуги како и севкупниот износ на аранжманот. Со ова се исклучува правото на купувачот за наплата на “идеална штета”.

13. НАДЛЕЖНОСТ НА СУДОТ
Во согласност со точка 13 од овие услови, купувачот на услугите од одредна програма има право на рекламација кај организаторот на патувањето. Доколку купувачот не е задоволен со решението на организаторот, има право да побара дополнителна арбитража и мислење од страна на Судот на честа при СКТМ или од страна на надлежниот Суд во Скопје.

Врз основа на член 30 од Статутот на Стопанската Комора за туризам на Македонија, Управниот одбор на Комората, на седницата одржана на 23.11.2010 година, донесе

ПРЕДЛОГ – ОДЛУКА 
за изменување и дополнување на Општите услови за патување на 
Стопанската Комора за туризам на Македонија 
Сл. Весник на РМ 84/09

Член 1
Се дополнува точка 3 “Цена на аранжманот” со два нови става 2 и 3. Новиот став 2 гласи: “Доколку во назначениот рок патникот по писмен пат не го извести организаторот на патувањето дека се откажува од договорот, се смета дека ја прифатил новата цена.” Новиот став 3 гласи: “Дополнително објавување на намалување на цените на патувањето (на пример, попусти од типот “last minute”) не може да се однесуваат на веќе склучени договори и не можат да бидат основ за било каков приговор или рекламација на патникот на организаторот на патувањето.”

Член 2
Се дополнува точка 4 “Категоризација и опис на услугите” со нов став 2. Новиот став 2 гласи: “Доколку патникот писмено не договорил одредени услуги, со дополнителни каратктеристики и квалитет, нема основ за поднесување приговор на организаторот на патувањето.”

Член 3
Се брише зборот “реалните” во ставот 4 на точка 6 “Право на патникот за откажување на патувањето” од Општите услови за патување.

Член 4
Се менува точка 9 и насловот на точка 9 од Општите услови за патување. Новата точка 9 гласи:
“9. ПРЕВОЗ СО АВИОН – Превозот на патниците со авион е регулиран со меѓународните правила на авионскиот сообраќај како и правилата на авионската компанија која ја ангажира организаторот на патувањето. За сите авионски патувања на редовните линии се подразбира превоз на патници на економска класа.
– Во случај на промена на предвиденото време на полетување од страна на авиокомпанијата како и задоцнување на авионот (на една или на повеќе редовни линии или чартер-летови во текот на патувањето), организаторот на патувањето не ја сноси одговорноста за евентуални последици предизвикани со задоцнувањето, туку се применуваат важечките прописи и узанси од областа на авио-сообраќајот.
– Несогласувањето на личните податоци дадени на организаторот на патувањето со податоците од пасошот на патникот (како на пример давање на скратени и непотполни имиња од страна на патникот) има често последици на испишување на нови авионски карти, со трошоците кој се терет на патникот или прогласување на картата нерегуларна, во текот на патувањето, се со озбилни последици за патниците.
Патникот е одговорен за својата авионска карта од моментот кога ќе ја добие од водичот на аеродром или службеникот на агенцијата во подружницата. Не постои можност на издавање на дупликат на карта, како ни бординг карта. Патникот во целост ги носи последиците на нивното губење или пак губење во текот на патувањето.”

Член 5
По точка 9 од Општите услови за патување, се додава нова точка 9-а. Новата точка 9-а гласи:
“9-а. ПРЕВОЗ СО АВТОБУС И АВТОБУСКИ ТРАНСФЕРИ
– Превозот со автобусот и автобуските трансфери се извршуваат со стандардни туристички автобуси спрема прописите и критериумите кои важат во земјите во кој е регистриран автобускиот превозник кој го ангажира организаторот на патувањето. – По правило, не постои однапред распоред на седишта на патниците, ниту пак утврден начин на промена на седиштата по денови во текот на патувањето со автобус. Исклучок можат да бидат поедини автобуски патувања; и во таквите случаеви ова патување е регулирано со посебна одредба во самиот програм на патувањето. – Во случај на доцнење на автобусот поради временските услови, вонредни услови во сообраќајот, прекумерни задржувања на границите, расипување на истите или слично, организаторот на патувањето нема одговорност за евентуалните настанати задоцнувања. – Одредбите во врска со патувањата на брод или железница наведени се во програмите на патувањето во кои е предвидено користење на овие превозни средства.”

Член 6
По точка 12 од Општите услови за патување, се додава нова точка 12- а. Новата точка 12-а гласи:
“12-а. ИНДИВИДУАЛНИ ПАТУВАЊА
За индивидуални “резервации и аранжмани” патникот уплаќа депозит на име трошоци за резервација. Доколку резервацијата биде прифатена од страна на патникот, депозитот се пресметува во цената на патувањето. Доколку резервацијата организаторот на патувањето не ја потврди, депозитот во целост му се враќа на патникот. Ако патникот не ја прифати понудената или потврдената резервација, организаторот го задржува износот на депозитот во целост. Одредбите на точка 6 од Општите услови за патување не се применуваат кај индивидуалните резервации и аранжмани.”

Член 7
Оваа Предлог-Одлука влегува во сила по нејзиното усвојување.